Тенката линија помеѓу креативноста и биполарното растројство

Биполарното растројство, познато како манична депресија претставува хронично повторувачка состојба која вклучува расположенија кои се движат меѓу високите подеми на манија и ниските падови на депресија.

Според најновите студии потребни се просечни дваесет години за да се постави правилна и точна дијагноза на биполарното растројство.

За ваква констатација потребно е да се разгледаат симптомите на биполарното растројство кои вклучуваат симптоми на манија, состојба во која едно лице е полно со енергија, со голема возбуда или еуфорија, има амбиција за реализација на нови идеи, позитивен став кон нештата, но не ја изгубило својата слика за реалноста.

Од друга страна кога има промена на расположението и полека карактеристиките на манија избледуваат се појавуваат симптоми на депресија и тоа: загуба на енергија, губење мотивација за завршување на секојдневни задачи, промена на апетитот, инсомнија или голем број на часови поминати во спиење.

Токму поради тоа кога кај едно лицео биполарно растројство ќе настапи депресивната епизода голем процент од терапијата вклучува антидепресиви бидејќи во најголем дел од случаите се зима во предвид дека лицето има симптоми на депресија и не се препознава дека се работи за ваков комплексен тип на ментална болест.

За жал, типичните антидепресиви сами по себе не дејствуваат правилно кај пациенти кои се со биполарно растројство. Во дадени моменти тие можат да иницираат се почести и нагли промени на расположението, да ја влошат нивната состојба и да бидат опасни за луѓето со биполарно растројство и како последица на тоа можат да ја поттикнат маничната епизода.

Кај лица со биполарно растројство се применува комбинација од психотерапија и стабилизатори на расположението или антипсихотични лекови. Меѓутоа треба да се напомене дека најголем дел од лековите имаат несакани ефекти па затоа сеуште продолжува потрагата по лекови кои комплетно ќе успеат да ја скротат двојната природа на оваа болест.

Во 1970-тите, Ненси Андресен ја има спроведено првата емпириска студија за креативноста и менталното растројство на Универзитетот во Ајова. Тогаш биле проучувани менталните истории на група од триесет истакнати автори за кои се претпоставувало во тој период дека во нивното однесување има знаци кои посочуваат кон шизофренија. Токму поради фактот дека сами по себе имале изразено ниво на креативност  било очекувано да се пронајде  силна корелација помеѓу креативноста и шизофренијата. Иако не биле утврдени знаци на шизофренија кај авторите, била пронајдена неочекувано силна историја на нарушувања на расположението. Осумдесет проценти од испитаните автори имале барем една епизода на депресија, хипоманија или манија. Во наредните петнаесет години авторите биле набљудувани и било откриено дека четириесет и три проценти од нив имале биполарно растројство додека пак во текот на таа временска рамка двајца од авторите извршиле самоубиство.

Според Андресен, една креативната личност може да се разликува од мнозинството затоа што има отворен став кон искусување на нови нешта, истражување на околината, да презема ризици се со цел новите идеи да станат реалност. Таквите карактеристики предизвикуваат една креативна личност да ги согледува нештата на поинаков начин, да почувствува и разбере повеќе, но исто така критиките ги разбира со зголемена доза на емотивност како и зголемена стапка од истите да се намали мотивацијата, да се зголеми несигурноста и да се појават “ темните ” расположенија.

Еден креативен човек го доживува редот и структурата што другите ги наоѓаат како соодветен и правилен начин на функционирање во општеството, задушувачки и демотивирачки. Поради оваа причина, ја чувствува потребата да се соочи со правилата и конвенционалноста, да побегне од познатото “црно – бело ”  уредување и да побара утеха во “без граничното сивило”. Слободата што ја наоѓа во оваа неизвесност му овозможува да влезе во периоди на интензивна концентрација и да се фокусира, односно да доживее хипоманична епизода. Таквите периоди го поттикнуваат процесот за развиток на биполарно растројство и се белег на креативниот процес кај една таква индивидуа.

Во секој случај, лицата со биполарно растројство често имаат изјавено дека имаат зголемена доза на креативност и продуктивност кога се чувствуваат најздрави.

Кога не се чувствуваат добро нивното ниво на создавање и творење е присутно во минимални рамки или воопшто не постои.

Во најголем број од случаите тие се најпродуктивни во периодот на транзиција помеѓу доброто и лошо расположение.

Од една друга гледна точка биполарното растројство е еден вид на постоење на двојно алтер его кое со себе носи нагорна линија на одвивање на нештата и ненадеен пад кој е кобен по менталното здравје кај една индивидуа.

Голем број на артисти од минатото и денешно време преку психотерапија се обидувале или сеуште се обидуваат да ја регулираат оваа болест се со цел да се воспостави една константа каде што мотивацијата и демотивацијата ќе се сретнат на средина. Некои од нив до ден денес се борат додека пак другите нивната историја поврзана со биполарноста завршува со самоубиство.

Меѓу нив се: Винсент Ван Гог, Ернест Хемингвеј, Вирџинија Вулф, Робин Вилиамс, Деми Ловато, Кетрин Зета Џонс итн.

За некојто има достигнато таков високо ценет успех, е личност што е позната на глобално ниво и јавно говори за подигнување на свеста за менталното здравје кај луѓето, целата ситуација треба да помогне да се отфрли дел од тежок слој на стигмата поврзана со менталните болести воопшто. Меѓутоа гледајќи од другата страна, целата мешавина која гради нестабилна емулзија на расположенија ги прави креативните лица посензитивни и продуктивни додека се подложени на манични епизоди.

Меѓутоа, важно е да се напомене дека не сите луѓе со биполарно растројство се креативни, а и не сите креативни луѓе имаат биполарно растројство.

Креативноста во поголемиот дел од случаите е личен белег на една индивидуа и истата за да се развие до степен да успех зависи од самата индивидуа.

Поврзаноста на креативноста со биполарноста е речиси нов феномен кој допрва треба подлабоко да се истражи за да се даде сигурна и комплетна констатација и оформи заклучок базиран на легитимни факти.

Камелија Јаневска