Постнатална депресија

Постнаталната депресија е депресивна болест која влијае на 10 до 15 на секои 100 жени кои имаат бебе.

Симптомите се слични на оние кај депресијата во други периоди.

Честопати започнува по еден или два месеци од породувањето. 

Околу една третина од жените со постнатална депресија имаат симптоми кои започнале во бременоста и продолжуваат по раѓањето.

Понекогаш постои очигледна причина за постнатална депресија, но не секогаш. Може да се чувствувате вознемирени или виновни што се чувствувате вака, бидејќи очекувавте да бидете среќни што ќе имате бебе. 

ПОСТНАТАЛНАТА ДЕПРЕСИЈА МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ НА СЕКОМУ И НЕ ТРЕБА ДА СЕ ОБВИНУВАТЕ СЕБЕ СИ!

Може да имате некои или сите од следниве симптоми:

  • Се чувствувате емотивно исцрпено, несреќно и плачливо поголем дел од времето. Може да се чувствувате полошо во одредени периоди од денот, како наутро или навечер.
  • Може да станете раздразливи или лути на вашиот партнер, бебе или други деца.
  • Сите нови мајки се прилично уморни меѓутоа депресијата може да ве натера да се чувствувате целосно исцрпени и без енергија.
  • Иако сте уморни, не можете да заспиете. Може да се случи да се будите во текот на ноќта дури и кога вашето бебе спие или пак да имате драстично намалување на сонот за разлика од претходно.
  • Мислите дека не можете да уживате или да ве интересира ништо или пак дека можеби нема да уживате во времето поминато со вашето бебе.
  • Во голем број на случаи, жените со постнатална депресија целосно го губат апетитот.
  • Депресијата го менува вашето размислување, па затоа може да искусите голем број на негативни мисли дека не сте добра мајка или дека вашето бебе не ве сака што може да доведе до чувство на вина зошто се чувствувате вака.
  • Исто така, многу често се случува и загуба на самодоверба и неверување дека поседувате способност да се справите со препреките
  • Повеќето нови мајки се грижат за здравјето на нивните бебиња. Ако имате постнатална депресија, анксиозноста може да биде огромна па затоа може да дојде до огромна грижа дека: вашето бебе е многу болно, вашето бебе не добива доволно тежина, никаде не е доволно чисто или безбедно за вашето бебе, вашето бебе плаче премногу и не можете да го/ја смирите, вашето бебе е премногу тивко и можеби престанало да дише, може да му наштетите на вашето бебе, имате физичка болест, вашата постнатална депресија никогаш нема да се подобри.
  • Можеби сте толку загрижени што се плашите да останете сами со вашето бебе и ќе чувствувате потреба од постојано уверување од вашиот партнер, здравствен посетител или општ лекар.

Каде да се обратам доколку мислам дека имам постнатална депресија?

Помошта и третман што ви треба зависи од тоа колкава е тежината на вашата состојба. Вашиот општ лекар и гинеколог може да ви помогнат да одлучите каква помош ви е потребна. Ако не ја добиете помошта што мислите дека ви треба веднаш, секогаш посегнете по барање на второ мислење и не дозволувајте состојбата да остане не третирана.

Што можам да преземам за да си помогнам?

Пред се, обидете се да се смирите и да не се плашите од дијагнозата. Многу жени имаат постнатална депресија и со текот на времето се подобрува. 

  • Кажете некому како се чувствувате. Може да биде огромно олеснување да разговарате со некој што разбира. Ова може да биде вашиот партнер, роднина или пријател. Партнерот, пријателите или семејството можат да бидат поразбирливи и од огромна помош доколку знаат во што е проблемот.

  • Ако не можете да разговарате со вашето семејство или пријатели, разговарајте со вашиот лекар.
  • Искористете ја секоја прилика да спиете или одморите во текот на денот или ноќта. Ако имате партнер, роднина или пријател, замолете ги да ви помогнат со хранење на бебето навечер. Доколку сте сами, обидете се да одморите кога бебето спие. Дури и ако не можете да спиете, одвојте малку време да се одморите и опуштите.
  • Обидете се да јадете редовно, дури и ако не сакате да јадете. Јадете здрава храна.
  • Најдете време да правите работи во кои уживате и кои ви помагаат да се опуштите на пр. одете на прошетка, читајте списание, слушајте музика.
  • Дозволете им на другите да ви помогнат со домашните работи, купувањето и грижата за другите деца.

  • Вежбајте. Пешачењето со вашето бебе во количка е одличен пример за физичка активност. Редовната физичка активност може да го подобри вашето расположение.
  • Не користете алкохол или дрога. Можеби ќе направат да се чувствувате подобро на кратко, но тоа не трае. Алкохолот и дрогата може да ја влошат депресијата.