Децата денес се “бомбардирани“ со купишта играчки кои ги добиваат од родителите, бабите, дедовците, пријателите на родителите, кумовите,р однините и од сите други луѓе во нивниот живот.Таа неграничена количина на играчки најчесто завршува во некоја кутија или на некое друго место во куќата “каде што не пречат“, бидејќи реално децата имаат една до три играчки со кои навистина си играат, а останатите играчки по почетниот интерес завршуваат отфрлени на страна.
Тука, малку си поигравме со идејата како да го решиме овој проблем со купување подароци за децата и направивме список на идеи кои се практични, финансиски прифатливи и едукативни за децата.
- ГОДИШНА ИЛИ СЕМЕЈНА ВЛЕЗНИЦА ЗА МУЗЕЈ, ДЕТСКИ ТЕАТАР И СЛ.
Со ваквите подароци тешко може да се погреши. Повеќето театри, музеи, па дури и ЗОО градини ја имаат едната или обете опции за влезници, а ваков подарок не е временски ограничен, што им овозможува на родителите да се организираат како најдобро би го искористиле подарокот. Во што е добивката за детето? Новите искуства создаваат нови идеи, добиените информации се поврзуваат и се поттикнува развој на логично и критично размислување.
- СЕМЕЕН ИЗЛЕТ
Повеќето родители, постојано планираат ваков или онаков излет или доживување, но најчесто, најмногу поради недостаток на слободно време, плановите остануваат само планови. Изненадете ги со купување на купон за излет во едно од многубројните излетнички места или селски домаќинства, каде целото семејство ќе ужива во бегството од секојдневницата. Ваков подарок може да биде скап, но на порталите за групно купување може да се добие попуст. Ваквиот подарок е многу корисен затоа што содржи едукативен елемент-децата на селските имоти ќе се сретнат со домашните животни, ќе јадат домашна/непреработена храна, како и тоа дека ќе видат како се одгледува таа домашна храна, а ќе го запознаат и животот на село.
- КНИГИ И СЛИКОВНИЦИ
Овде не зборуваме за класични детски бајки. Набавете мозгалици, едукативни книги, сликовници и слично, чија цел е да го развие когнитивното мислење, ситната моторика и логичкото размислување.
- ТОПКА, БАДМИНГТОН, ФРИЗБИ…
Омилените играчки на многу претходни генерации паднаа во втор план, отстапувајќи им место на YouTube, цртаните филмови, видеоигрите итн. Сите доктори, детски и други советници постојано предупредуваат дека новите генерации се сѐ подебели, помалку се движат, не се развиваат физички правилно, а сето тоа поради недостаток на физички активности. Ставете крај на тоа со купување на играчки поради кои треба да се излезе на игралиште. Бадмингтон или фрлање фризби, децата ќе ги израдува и измори, што гарантира подобро здравје и подобар сон.
- ЗА КРАЈ, ДАРОТ НА ПОДАРУВАЊЕТО
Многу луѓе се жалат дека денешните деца немаат емпатија за никго и ништо, но не зборуваат за причините кои тоа го предизвикале. Емпатијата се учи, и можеби најголемиот подарок за секое дете е да научи да дава и дели. Проучете ги добротворните организации во ваша близина и нека детето на некоја од тие организации нешто подари. На пример, може да подари стари играчки на организајата која им помага на други деца, со парите кои ги собрало во својата касичка да купи храна за животни и да ја подари на животинскиот диспанзер итн.