Лекот поефикасен од вакцината?

„Паксловид“ – ново апче против коронавирусот кое го намалува ризикот од хоспитализација и смрт дури за 89 %.
Ова се тврдења на производителот – компанијата „Фајзер“ која ќе бара „амин“ од Американската агенција за лекови ФДА за да може веднаш да се пушти во употреба. Станува збор за таблети кои се даваат по појавата на првите симптоми на вирусот, односно од три до пет дена од дијагностицирањето, а колку овие апчиња ќе чинат и дали ќе ги има во македонските аптеки засега не се знае.
Инаку истражувањето на „Фајзер“ опфатило околу 1200 пациенти со умерена форма на ковид-19, кои имале најмалку еден ризик фактор да развијат сериозна форма на болеста. Само 0,8% од оние кои го земале лекот во првите три дена од појавувањето на симптомите завршиле во болница, а по 28 дена лекување ниту еден не починал.
Македонскиот научник од Охрид кој е молекуларен биолог Ненад Сврзикапа, магистрант на Харвард, а докторски студент на Оксфорд, преку статус на „Фејзбук“ резултатите од ова истражување ги оценува како одлични и очекува лекот скоро да биде одобрен, па за некој месец и да е достапен. Тој појаснува дека лекот делува на начин што го спречува копирањето на вирусот во клетките, пренесе Канал 5 телевизија.
Од „Фајзер“ тврдат дека овој антивирусен лек, во случај ја добие дозвола, има потенцијал да спасува животи, односно да ја намалува тежината на заболувањето и да спречува девет од десет престои во болница.
Според ова, Паксловидот покажал 40 отсто поголема ефикасност од првиот направен и одобрен лек против коронавирусот – „Молнупиравир“. Инаку „Молнупиравирот“ треба да биде достапен и во Македонија бидејќи Министерството за здравство веќе започна преговори со производителот за да го набави.