Бајонтек е против суспензија на патентите на вакцините: Производните дозволи се подобро решение

Суспензија на патентите е една од опциите кои ги разгледува кабинетот на американскиот претседател Џо Бајден за да се зголеми производството и снабдувањето со вакцини, иако одлуката сè уште не е донесена, истакна вчера портпаролката на Белата Куќа Џен Псаки.

„Тоа не е решение“, изјави денес извршниот директор на Бајонтек Угур Сахин.

Бајонтек ја произведува и пласира својата вакцина заснована на РНК во партнерство со американската компанија Фајзер и смета дека решение за недоволното производство на вакцини е тесна соработка со одбрани производни партнери бидејќи нивната вакцина не е лесна за произведување.

„Ја разгледуваме можноста за издавање специјални дозволи на квалификувани произведувачи“, кажа Сахин на онлајн брифингот кој го организираше германското здружение на странски дописници.

Со тоа би се обезбедил еднаков квалитет на вакцините кои би се доставувале низ целиот свет, кажа Сахин, додавајќи дека производството на сопственикот на дозволата би можело да му се исплати најрано до крајот на оваа година.

Вакцината на Бајонтек/Фајзер наголемо се употребува во земјите како Израел, САД и Британија, и е главната вакцина во програмата на Европската Унија, пишува Ројтерс.

Сахин кажа дека е важно вакцината произведена во ЕУ да може да се изнесе во други делови на светот. ЕУ очекува да постигне колективен имунитет до крајот на летото, но на Европа нема многу да ѝ користи тоа што е безбедна ако вирусот продолжи да беснее во други делови од светот, додаде тој.

Превземено од www.mkd.mk