Се што треба да знаете за синдром на полицистични јајници (PCOS)

Синдром на полицистични јајници е состојба која се јавува приближно кај 1 од 12 жени.

Претставува ендокрино и метаболно нарушување кое влијае на телото на начин што предизвикува промена во балансот на хормоните кај жените.

Честопати овој синдром може да биде недијагностициран и сеуште не се во целост откриени причините зошто настанува истиот. Па така, се зима во предвид дека огромна улога може да има генетиката, животниот стил, околината и нејзиното влијание и сл.

Голем број од женската популација почнуваат да забележуваат знаци на PCOS во своите тинејџерски години кога телото природно поминува низ хормонални промени. Ова предизвикува често лекарите да ги препишат симптомите на PCOS како природни промени во телото со што би можело да се каже дека синдромот на полицистични јајници е сеуште состојба која не е доволно дијагностицирана и занемарена во нејзиниот третман.

Причина за ова може да биде затоа што симптомите можат да се благи или да изгледаат како недоволно поврзани со типичната слика на PCOS.

Меѓутоа доколку не се третира може да доведе до широк спектар на посериозни здравствени состојби како неплодност, кардиоваскуларни заболувања, обезност, нарушено спиење, дијабет тип 2 и депресија.

Сето ова укажува на важната улога во раното дијагностицирање  и навремено започнат третман за избегнување или намалување на ризиците што може да ги донесе PCOS.

Како да знам дали имам полицистични јајници?

Во идеални услови доколку жените со полицистични јајници имаат јасни симптоми, здравствените работници ќе можат со леснотија да дијагностицираат и лекуваат.

Меѓутоа кај најголем дел симптомите не се јасни што предизвикува тешкотија во раната интервенција и навремено дијагностицирање.

Tие не се исти кај секоја жена и немора да ги имате сите симптоми за да ви се констатира синдром на полицистични јајници.

Во најголем случај симптомите варираат од нередовни менструални циклуси, аменореја (отсуство на менстурални циклуси), влакнесто лице, акни на лицето, градите и грбот, опаѓање на косата, промена во расположението, промена во телесната тежина до намалување во големината на градите заради ниското ниво на естроген.

Како се дијагностицираат полицистични јајници?

Вашиот лекар веројатно најпрво ќе започне со дискусија за присуството на промени кои се карактеристични за оваа состојба како промена во менструалниот циклус и промена во телесната тежина. Исто така ќе провери дали имате присуство на акни, влакнесто лице, опаѓање на коса и слично.

Во дијагностиката се користат неколку методи и тоа:

  • Ултразвук кој ќе послужи да се добие слика дали има присуство на цисти и зголемување на јајниците.
  • Трансвагинален ултразвук кој може да се употреби само кај жени кои биле сексуално активни.
  • Хормонални тестови на крвта кои се користат за проценка на нивото на андрогени во телото. Исто така овие тестови служат и за проценка на нивото на други репродуктивни хормони како естрадиол, фоликуло-стимулирачки хормон (FSH) и лутеинизирачки хормон (LH) кои можат да влијаат на менструалниот циклус.

Дали можам да останам бремена доколку имам синдром на полицистични јајници?

За среќа, PCOS може да се третира и се дава можност на жените со оваа состојба да овулираат и да забременат.

Првата препорака што ја даваат здравствените работници е да се намали телесната тежина бидејќи губењето на вишокот килограми може да помогне за постигнување на редовен менструален циклус и зголемување на фертилитетот.

Постојат и видови на лекови кои може да ги користите за да ви помогнат во регулација на менстуралниот циклус меѓутоа потребно е да ви бидат посочени од страна на стручно лице кое е запознаено со вашата состојба и ја познава вашата здравствена историја.

Важно е да се запамети дека PCOS се манифестира различно во зависност од личноста па така доколку еден третман на дел од жените помага да започне процесот на овулација, кај останат дел од жените можеби нема да биде корисен или побавно ќе делува.

Што можам да направам за да ги намалам ефектите од PCOS?

  1. Одржувајте здрава телесна тежина
  2. Конзумирајте здрава храна која не содржи јаглехидрати
  3. Бидете физички активни

 

Камелија Јаневска