Паметни игри за деца

Примерите на интересни игри за вежбање на фокусот кои овде се опишани, се додаток на постот за концентрацијата кај децата. Забавни се, лесно се прилагодуваат кон возрастта и што е најдобро, речиси сите можат да се играат со она што веќе го имате дома! Па, да почнеме…

Икс Нула

По малку заборавена игра, а максимално забавна и паметна. Барем додека детето не го “провали шаблонот“ со кој станува непобедливо или со кој постојано ве победува. Но, верувајте дека дотогаш ќе се изнаиграте икс-нула.

Со оваа игра детето вежба следење на активностите на хартијата пред себе и воедно активно учествува пишувајќи (малку вежба моторика). Истовремено, учи да го чека својот ред, да ја следи ситуацијата “на теренот“ и да размислува за својот следен потег.

Дали и колку ќе го пуштате детето да победува, е на вас. Најдобра мера е веројатно помеѓу потполна демотивација (кога вие постојано победувате) и потполна доминација (кога го пуштате тоа постојано да победува).

Редење на парички

Оваа игра е одлична, затоа што го вежба помнењето, следењето на секвенци и концентрацијата.

Земете метални парички-кованици, на пример од 1,2,5 и 10 денари. За почеток ќе ни требаат два сета од овие парички, по две од секоја номинална вредност. Вкупно 8 парички.

Дајте му на детето по една кованица од секоја вредност, а и вие задржете по една кованица.

Прво вие наредете ги кованиците по одреден редослед. За почеток тоа може да биде по растечки редослед – 1,2,5 и 10денари. Детето има време да ги гледа кованиците 15 секунди. Потоа покријте ги со лист хартија. Потоа, детето треба да ги нареди кованиците по истиот редослед по кој вие сте ги наредиле кованиците.

При следниот обид кованиците треба да се измешани, на пример 1,5, 2 и 10денари. Се игра се додека детето не го погоди правилниот распоред – во меѓувреме, се разбира пуштете го да ѕирне под листот хартија. Барем на почетокот.

И така сѐ додека играта ви се допаѓа и на двајцата. Се разбира, идеално решение е кога се менувате, па и вам детето да ви даде редослед на кованици кои треба да ги копирате.

Можете да мерите и време за кое задачата е успешно завршена. Времето се запишува, заедно со информацијата за тоа дали детето успеало правилно да ги подреди кованиците или не. Ова запишување на резултатите – и на детето и вашите, можете да го направите да биде дел од играта. Намалувањето на времето за кое детето успешно ги подредува кованиците е јасен знак за напредок.

За постари деца, играта може да се направи уште посложена – така што ќе се додадат уште кованици.

Супер е тоа што овој принцип на помнење може да се примени и на редење на боици, сликички или било што друго што може да се реди, а што го имате дома (штипки во различни бои, разнобојни макарони итн).

Игри на пронаоѓање

  • Разлики во два на око исти цртежи
  • Сокриен предмет
  • Предмет или збор кој не припаѓа на групатa

Вакви игри има многу, како печатени, така и во дигитална форма. Одлични се за воочување на ситни детали. А за тоа е потребна концентрација.

Многу често тие се направени така да покрај концентрацијата се вежба и фина моторика при боење. Ги има и во форма на апликација за паметни телефони. Овие дигитални верзии се лесно преносливи и затоа се добро решение за патувања, чекалници и слични ситуации.

Единствено треба да се води сметка за нивоата на тежина на играта, како би била прилагодена на возрастта на детето.

Пикасо во најава

Одлична игра за вежбање на способноста на детето да седи мирно, како и да се фокусира на задачата пред себе.

За почеток е најдобро да му се даде на детето илустрација со едноставни линии-на пример од сликовница или боенказа мали деца. Задачата на детето е да на празна хартија што подобро го прецрта цртежот од илустрацијата.

Во зависност од возрастта и воопшто од вештината на детето да работи вакви задачи, ќе зависи и тоа колку тешко ќе му падне извршувањето на ваквите задачи. Ако ни вие не сте сигурни на кое ниво на вештина е вашето дете при извршување на вакви задачи, тогаш можете да почнете со пократки периоди на цртање и потоа одмор. На пример, следете што детето нацртало за 30-тина секунди. Ако барем за момент ви се присторило дека детето тоа го прави со напор, направете пауза. Во текот на таа пауза земете ја раката на вашето дете во својата рака, опуштете ги и протресете ги нежно -за да се ослободи од тензијата. По забавната и корисната пауза, продолжете со работа во наредните 30-тина секунди, а потоа повторно пауза.

Колку подобро детето ќе ја совлада оваа вештина и колку подолго време може да го задржи вниманието на цртањето, времето за цртање се продолжува, а паузите се поретки.

Обои ме нежно

Боењето е феноменално за концентрација и фокусирање на само една активност. Дали сте знаеле дека од 5 најпродавани книги минатата година (на Амазон), на прво место – биле боенки.

Ако детето не сака да бои (што е чест случај) или има потешкотии да остане фокусирано за задачата боење, и тоа може да се вежба постепено.

Прво нацртајте ситни кругчиња, квадратчиња, триаголници и други облици. Потоа обојте ги заедно со детето. Следниот пат, малку зголемете ги формите. Детето ќе ги обои. Следниот пат повторно зголемете ги и формите и комплексността на шарите, и сѐ така додека не разберете дека боењето веќе не е проблем.

Така се зголемува времето за кое децата можат да ја задржат концентрацијата на една задача.

Еден лево, два десно

Уште една одлична игра за повторување на зададената задача “од глава-игра“!

Учењето танцови движења е идеална комбинација за извонредно активни деца, полни со енергија. А покрај музика некако сѐ полесно оди и расположението е се подобро.

За оние деца за кои танцувањето не е прв избор, катите во каратето се исто така одлична вежба за концентрација.

Игрите кои комбинираат физичка и ментална активност, не само што ја развиваат брзината со која детето ги обработува информациите, туку и ги подобрува моторните вештини и му помага на детето да ја согори дополнителната енергија која ја има.

Криенка/покривалка

Има неколку верзии на оваа игра-што е супер затоа што тешко дека може да стане досадно, а за секоја ви се потребни истите “реквизити“.

Соберете 20-тина ситни предмети – важно е да бидат различни меѓу себе. Распоредете ги така да сите може да се видат на простор кој може лесно да се покрие со марама – на послужавник или на маса, на пример.

Дајте му на детето 30 – тина секунди да ги простудира сите предмети, а потоа покријте ги со непроѕирна ткаенина.

Продолжувањето на играта ќе зависи од возрастта на вашиот омилен соиграч. Може да се игра така што од него ќе се бара да

  • Наброи најмалку 5 различни предмети кои се наоѓаат на масата
  • Наброи што повеќе предмети кои се наоѓаат на масата (за одредено време)
  • Откри кој предмет недостасува (а кој предмет вие претходно сте го тргнале без да види детето)

Се разбира пред да почне играта морате да му ги кажете правилата на игра-немој да ѕиркаш. И што се очекува од него.

Мачка во вреќа

Ова е одлична верзија на претходната игра. Сега сите тие предмети можете да ги ставите во вреќа. Се разбира непроѕирна. Детето ја става раката во вреќата, зема еден предмет и на основа на обликот на предметот – со пипкање треба да погоди кој предмет го држи во рака. На овој начин детето ја вежба својата визуелна перцепција и поврзувањето на информациите добиени со сетилото за допир и замислување на неговите визуелни карактеристики. Посебно добра игра за мали деца. Супер е тоа што кај децата покрај сите овие игри можете да вежбате и говор – нови зборови, нови имиња  и употреба на предмети со кои се игра.

Помирисај ме и ќе ти кажам што си

Малку повеќе захтевна игра по прашање на намирници, но генерално лесно изводлива. Се вадат, на пример, основните намирници на маса -леб, сол, шеќер, кафе, чај, путер, лимон, портокал, јаболко итн. Тогаш на детето му се става превез преку очите. Со мирисање треба да препознае за која намирница се работи. Навистина забавно!

Броење наназад

Самото име на играта кажува за што се работи. Со постари деца може да се игра со поголеми броеви, со парни и непарни итн. Нам броењето наназад посебно добро ни одеше кога броевме колку уште залчиња од ручекот останале да се изедат. Ова се само некои од поинтересните игри за вежбање на фокусот. Сигурно има шсте многу, а можете и вие да предложите некоја игра.