Превенцијата на заболувањата главен приоритет во рамките проектот “И ти си важен!”

 

Здружението на Лекари специјализанти- ЗЛС, Скопје, во рамките на проектот „И ти си важен“ поддржан и финансиран од Цивика мобилитас, продолжува со своите активности и во летниот период.
Во месец јули, покрај бесплатните превентивни прегледи и здравствената едукација кои се спроведуваат на терен, на опфатените граѓани во рамките на акцијата им беа поделени и
витамини и додатоци во исхрана.

Во соработка со аптеките ЕУРОФАРМ, беа обезбедени околу 800 пакувања Витамин Ц капки за  деца до 12 годишна возраст, околу 300 пакувања A+D витамини од Jamieson, како и околу 800 пакувања Selen+ACE од Dr.Wolz. Истите во соработка со повеќе здруженија на
територијата на нашата држава, веднаш беа дисперзирани до оние на кои им се најпотребни. Дел од витамин Ц капките беа донирани ЈУ Детски Дом „11 Октомври“- Скопје, a во следната фаза планирано е да се опфати и домот за доенчиња во Битола и   ЈЗУ УК за Детски болести.

       

Со помош на “Националниот ромски центар” од Куманово, “Ромскиот здравствен образовен центар” и здружението “СУМНАЛ” со своите два ограноци во Скопје и Битола дел од донацијата обезбедена од ЕУРОФАРМ беше дисперзирана до граѓаните од социјално загрозени категории и граѓаните припадници на ромската популација. Еден дел од суплементите, со помош на здружението “Трисомија 21” беа поделени на лица со Даунов синдром, а дел со помош на Центарот за младински активизам “КРИК”, беа поделени на лица со попречености.

Во наредниот период планирано е дел од овие уплементи да бидат поделени и на маргинализирани групи на граѓани.

Беа опфатени неколку градови, меѓу кои Битола, Скопје и Куманово, а во иднина се очекува да се опфатат и останатите градови и категории на граѓани. Во рамките на активностите опфатени се деца сместени во групни домови, лица припадници на ромската популација, социјално загрозени граѓани, лица со даунов синдром, интравенски корисници и сл.
Во втората фаза на проектот предвидено е и обезбедување на ортопедски помагала за лицата кај кои за време на прегледите, од страна на лекар беше утврдено дека им се потребни.

         

Горди сме што можеме да кажеме дека за време на прегледите навремено беа откриени и превенирани различни видови на заболувања како што се: инфаркти, срцеви блокови, карцином на бели дробови, хроничен бронхит, астма, дијабетес, а и не помалку важно детектирани се и нарушувања на менталното здравје како анксиозност и
депресија, по што лицата се упатени во соодветни установи за доисследување и натамошен третман. Во идниот период Здружението на Лекари специјализанти-ЗЛС продолжува со работа на терен, преку директен пристап до лицата, со крајна цел зачувување на здравјето и превенција на заболувањата.