За инвестираните 104,1 милиони евра во изминативе 5 години, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан го прогласи „Алкалоид“ за водечки инвеститор во регионот

По повод петгодишнината од формирањето, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6CIF), кооснован од Европската Унија, на почетокот на 2023 година објави повик за учество во регионалниот натпревар отворен за компании од шесте земји членки. Рангирањето на апликациите, поделени во 6 категории, беше направено од комисија составена од по еден претставник од шесте стопански комори на Западен Балкан и претставник од канцеларијата на Коморскиот инвестициски форум.

Првата награда во категоријата „Водечки инвеститор (шампион) во земјите од Западен Балкан“ му беше доделена на „Алкалоид“ АД Скопје, презентирана на пригодна церемонија организирана за оддавање признанија за достигнувањата на најдобрите и најуспешните компании во регионот.

Имајќи го предвид значењето на континуираното инвестирање и унапредување во сите сегменти од работењето, високо позиционирано како една од клучните стратешки определби во деловната политика на „Алкалоид“, оваа награда претставува уште една значајна потврда за достигнувањата на компанијата:

„Во својата долга историја, ‘Алкалоид’ минал низ бројни предизвици, но една фактичка константа во текот на деветдеценискиот развој биле инвестициите, кои во изминативе три децении се насочени кон градење и проширување на производствените капацитети, капацитетите за истражување и развој, инсталирање на модерна опрема, лаборатории, технологии, модерен софтвер и добро обучен кадар. Само во изминативе 5 години, инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите во регионот, интегрирајќи ги нашите операции за целите на подобро водење на дејноста од нашата база во Македонија. На овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот ‘Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции“ – изјави Генералниот директор/ Претседател на УО на компанијата, Живко Мукаетов.

Коморскиот инвестициски форум е заедничка иницијатива на стопанските комори на земјите од Западен Балкан, кооснован од Европската Унија, која ги претставува интересите на повеќе од 350.000 компании во насока на спроведување на заеднички активности кои се од интерес за бизнис-заедницата од регионот.