Како прв предуслов за добро здравје се нагласува правилната исхрана. Во бирањето на прехрамбени продукти важно е да се нагласи дека посебно внимание треба да се обрне на минералите, бидејќи човековиот организам минералите не може сам да ги произведува. Минералите се хемиски елементи со важни градбени и регулациски функции. Освен тоа, делуваат како активатори или состојки на ензимите, хормоните и црвените крвни зрнца а важни се и за функцијата на нервниот систем. Малку луѓе знаат дека посебно место во важноста на минералите завзема јодот.
Јодот е составен дел на хормоните на штитната жлезда кои се неопходни за животот, бидејќи го регулираат физичкиот, менталниот и половиот раст и развој а неопходни се и за прилагодување кон стресот. Покрај споменатите функции на јодот во нашиот организам, важно е да се напомене и тоа дека овој елемент во трагови има голема важност во создавање на нервните структури и интелегенцијата.
Недостатокот на јод може сериозно да го оштети здравјето во секое животно доба. Зависно од развојниот период, времетраењето и нивото на недостаток на јод, се појавуваат болести кои се резултат на јодниот дефицит. Најтешки последици се мозочните оштетувања, особено ако јодот недостасува во раните фази на невралниот развој. Затоа идните мајки особено внимание треба да обрнат на правилен внес на јод во својот организам.
Човековиот организам добива јод преку храната која ја внесуваме. Апсорпцијата на јодот се одвива во тенкото црево и зависи од храната која ја јадеме. На пример, зелката, карфиолот и кељот ја попречуваат неговата апсорпција, па затоа е важно да водиме сметка при изборот на продуктите кои ги внесуваме.
Јодот се наоѓа во солта, млекото, јајцата, зеленчукот а најзастапен е во морската храна.