Не го прескокнувајте доручекот! Еве и зошто!

Експертите од германскиот центар за дијабетес во Дизелдорф велат дека околу 30% од луѓето ширум светот не појадуваат, а токму таа лоша навика ги зголемува шансите за појава на дијабетес тип 2.

Тоа се објаснува со прехранбените навики подоцна во текот на денот. Имено, оние кои ништо не јадат наутро се склони кон тоа да изедат повеќе во текот на денот.

Некои претходни истражувања покажале дека луѓето со прекумерна тежина имаат обичај да го прескокнат појадокот, бидејќи погрешно веруваат дека така ќе внесат помалку калории во денот и ќе бидат послаби.

Познато е дека луѓето со прекумерна тежина се склони кон дијабетес, но склони се и оние со нормална тежина, кое не појадуваат, тврдат германските експерти кои во текот на истражувањето го земале предвид влијанието на индексот на телесна маса.

До овој заклучок дошле откако ги анализирале податоците од шест претходни истражувања кои го истражувале влијанието на исхраната врз дијабетесот, а во кои им биле достапни податоците од вкупно 96.175 луѓе.

„Оние кои го пропуштаат утринскиот оброк имаат три пати поголеми шанси да заболат од дијабетес тип 2. Веруваме дека луѓето кои го прескокнуваат појадокот јадат повеќе во текот на денот и така внесуваат повеќе калории. Тие, исто така, имаат пообилни ручеци, а тоа доведува до повисоко ниво на глукоза и инсулин, што не е добро за метаболизмот и го зголемува ризикот од дијабетес тип 2“, истакнуваат докторите кои го воделе истражувањето.

Тие додале и дека најдобро е наутро да се изеде оброк со поголема количина на житарки со цело зрно, а со што помалку црвено месо и шеќер.