ОРТОРЕКСИЈА: Кога здравата храна ќе стане опсесија

Анорексијата и булимијата се две денес добро познати пореметувања во исхраната, додека за орторексијата пак, речиси ништо не се знае.

Оваа патологија се однесува на луѓето кај кои грижата за здравата храна прераснува во опсесија.

Важно е да се изедат пет овошки и зеленчуци дневно, да не се претерува со месото, да се избегнува палмино масло… Овие и многу други совети, иако се добри совети, можат да станат непријатели на нашето здравје доколку потребата за внесување здрави продукти се претвори во болест која сега има и свој назив – орторексија (од грчки orthos ”коректно” и orexis ”апетит”).

Има сѐ повеќе луѓе кои сакаат да го контролираат она што го јадат, и тоа е во основа позитивно. Но, проблемот настанува кога изборот на храна станува терет од кој не можеме да се ослободиме.

Кај орторексичните лица желбата за здрава исхрана прераснува во опсесија и тие почнуваат да развиваат загрижувачки психички симптоми. Како и во случаите на анорексија и булимија, храната ја превзема контролата врз нивните животи. Кај орторексијата не станува збор за калории туку за нутриционистичкиот квалитет на храната.

Како и кај “класичните” пореметувања во исхраната, и во овој случај пациентот веќе не владее со односот кон продуктите кои ги конзумира. Стравот од помислата дека би можел да изеде нешто што е лошо за неговото здравје, кај него почнува да создава стрес и предизвикува анксиозност.

Изразот орторексија прв пат во 1997 година го употребил американскиот истражувач Stiven Bratmen кој дури направил тест за да може да ги идентификува потенцијалните пациенти.

Иако овој израз сѐ уште не е научно признаен, има сѐ повеќе лекари кои бараат оваа дијагноза да може формално да се постави.