Здравјето на социјално ранливите категории на граѓани во фокусот на проектот “И ти си важен!”

Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) продолжува да работи на подобрување на пристапот до здравствената грижа за социјално ранливите категории во Македонија. Во рамките на проектот „И ти си важен!“, финансиран и подржан од Цивика мобилитас, ЗЛС се фокусира на враќање на овие маргинализирани групи во здравствениот систем и овозможување на полесен пристап за лекарите кон оваа категорија на пациенти.

Како дел од истата иницијатива, ЗЛС успеа да спроведе над 1500 бесплатни превентивни прегледи на социјално загрозени граѓани на различни локации во Македонија, како што се Скопје, населбата Шуто Оризари, Битола, Прилеп, Струга и струшко, Делчево, Куманово, Македонски Брод. Во следната фаза е планирано да се опфатат и други градови ширум земјата. Во рамките на овие прегледи беа опфатени социјално загрозени лица, со фокус на ромската популација, интравенски корисници на дрога, сексуални работници, стари и изнемоштени лица, лица кои се наоѓаат на тешко пристапни локации, млади лица од социјално загрозени категории, лица со пречки во развојот, а во следната фаза е предвидено да се опфатат пензионери со ниски примања, деца без родителска грижа сместени во групни домови, лица со Даунов синдром и слично.

Оваа акција се спроведува со цел навремено откривање на здравствени состојби кај пациентите и нивното насочување кон соодветните здравствени институции. Акцијата има потенцијал за значајно влијание врз вклучувањето на овие категории на граѓани во мрежата на примарната здравствена заштита. Социјално загрозените лица, особено оние кои живеат во руралните средини, често немаат достапност до овие услуги, што може да резултира со одложување на прегледите и последично влошување на нивната здравствена состојба. Како последица, овие пациенти често завршуваат во терциерното здравство, најчесто во тешка фаза на нивното заболување, кога опциите за третман се ограничени и исходот е неповолен.

Со цел да се обезбеди широк спектар на услуги, прегледите вклучуваа анамнеза, физикален преглед, ЕКГ, мерење на шеќер во крв, аускултација на срце и бели дробови, мерење на крвен притисок, и мерење на периферна сатурација со кислород. Сите прегледи беа изведени од страна на лиценцирани лекари.

Активностите во рамките на овој проект вклучуваат и едукација на младите лица за сексуално преносливи болести и контрацепција, како и други здравствени тематики. Во рамките на истите се спроведе и бесплатна дистрибуција на презервативи (на младите лица и сексуалните работници), како и игли за интравенска употреба (на интравенските зависници). Се со крајна цел намалување на штетите од употреба на дроги, како и превенција на сексуално преносливи болести.

ЗЛС се ангажираше активно и за Светскиот ден на здравјето, организирајќи бесплатни превентивни прегледи на целата територија на државата во рамките на аптеките на Еурофарм. Граѓаните имаа можност да се информираат за својата состојба, третманот и животните навики кои треба да ги применат во склоп на нивното заболување.

Освен бесплатните прегледи и медицински едукации, дел од граѓаните кои немаат социјално осигурување, но имаат потреба од медицински или ортопедски помагала, можат да се консултираат со лекарите на некои од пунктовите каде се обавуваат прегледите (или во рамките на нивните домови за време на посетите) за повеќе информации, како потребните помагала можат да се набават бесплатно во рамките на проектот „И ти си важен“.

Проектот, дополнително, има за цел да ја подобри и здравствената писменост на индивидуите од социјално ранливите категории, преку директна комуникација со здравствените работници и споделување на информативни брошури, но од друга страна и да ги едуцира лекарите за пристапот кон овие групи на граѓани. За постигнување на оваа цел, на 28.04.2023 година, Здружението на лекари специјализанти одржа работилница во хотелот Премиер во Битола. Работилницата, со наслов „Предизвици во комуникацијата со пациенти од социјално ранливи категории“, ја фасилитираа д-р Фанче Јошевска и д-р Симона Сапунџија. Предавачите дискутираа за предизвиците во комуникацијата со овие посебни категории на пациенти и за важноста на афирмативната комуникација.

Датумите и локациите за идните прегледи од месец мај 2023 година ќе бидат објавувани преку јавни гласила како и преку официјалната facebook страна на здружението: https://www.facebook.com/ZLSpecijalizanti.

Сите заинтересирани граѓани, кои сакаат да добијат бесплатен преглед, ќе можат да се информираат околу прегледите, датумите и локациите, но и да го закажат својот преглед на следната e-mail адреса и телефонските броеви.

e-mail: zakazetepregled@gmail.com

Tелефони: 072688200, 072688201  (Од понеделник до петок, од 09-14h)