Дървен материал от www.emsien3.com

The best bookmaker bet365

The best bookmaker bet365

Menu
RSS

Верица Пандиловска: самоконтролата е најдобрата диета

Верица, жена која е вистински фајтер, родена на петок 13-ти, од 14 години настапува на живи свирки. Го оди својот ѕвезден пат, махер е за готвење, пеглање, средување и се останато. За спортот и физичката активност вели дека секогаш се најдобриот третман и козметика за телото и душата. За превентус.мк открива детали за убавите нешта во нејзиниот живот...

превентус.мк Што работи Верица во моментот?

Верица До пред некоја недела се бавев со промоција на мојот нов видео запис на песната „Кактус“. Тоа заврши и еве сега во моментов сум ангажирана со обврски околку промоција по радио станици, весници, портали и други студиски снимања на мојот нов сингл „Ѕвезден пат“.

Се работи за нумера која што одамна сакав да ја испеам. Песната е испеана далечната 1986 година на Макфест од страна на Весна Ивиќ од Сплит. Овој пат песната е во моја интерпретација. Има комплетно нов аранжман направен по мое видување, моја лична визија. Секако комплетно е различен од претходниот.

Прекрасната мелодија на песната навистина ме инспирираше да ја испеам со интерпретација својствена за мене и мојот глас. Ова е заразна песна која што шири неверојатна позитивна енергија. Јас  заедно со сите кои што учествуваа во креирање на оваа песна го дадов максимумот, сепак оставам на публиката да одлучи за крајниот резултат.

Лична карта на песната е следнава: Музиката е на  Љупчо Мирковски додека текстот е на  Љупчо Стојановски. Аранжманот е на Светослав Лобошки кој што во живо ги свиреше сите музички линии. Овој дел од песната е работен во Бугарија. Мојот вокал вокал заедно со пратечките вокали кои ги пее овој пат Нина Јанева се снимени во Скопје во студиото Димитрови.

За комплетната продукција на песнава и овој пат беше задолжен мојот драг пријател и соработник Дарко Димитров.

превентус.мк Кои се твоите идни планови?

Верица Што се однесува до идните планови врзани за мене и мојата музичка кариера, работам на нови песни кои што внимателно ги избирам за својот нов албум. Дел од нив ке бидат пуштени во етер како синглови пред да се најдат на мојот нов носач на звук.

Половина од песните се веќе снимени, а останатите планирам да ги реализирам во текот на летото и есента во согласност со моето слободно време. Процесот трае подолго бидејќи дел од авторите се странски па инструменталните делови се снимаат во други држави па потоа се испраќаат тука кај нас за јас да ги испеам, за да повторно се испратат на ремастеринг во странство.

Едвај чекам да почнам да ги презентирам новите песни на македонската публика. Освен тоа летото е пред нас па продолжуваат живите свирки низ Македонија по дискотеки, клубови, летни објекти, плажи... Каде што освен своите песни ќе изведувам и светски и домашни актуелни хитови.

превентус.мк Како се одвиваат фамилијарните обврски, кој дел од домаќинските работи ти е предизвик?

Верица Домаќинските обврски ми се дел од секојдневието. Воопшто не ми тешко кога се работи за обврски врзани за домот и фамилијата. Впрочем живеам сама од прва година средно училиште и сум махер за готвење, пеглање, средување и се останато.

превентус.мк Дали имаш посебни ритуали за одржување на твојот глас?

Верица Не пијам газирано, не јадам луто, кисело, значи зачинето никако. Сите течности ги пијам на собна температура. Алкохол не пијам воопшто. Јадам секогаш три часа пред настап, а за време на настап пијам само негазирана вода или свежо цедени сокови. Најбитно за гласот ми е молчење после настап и одмор односно убав сон од 8 часа најмалку. Ете тоа е отприлика.

превентус.мк Колку внимаваш на твоето здравје?

Верица Да бидам искрена сега внимавам повеќе отколку во времето кога бев тинејџерка. Ама мислам дека е тоа сосем нормално. Се си оди со искуството и годините.

превентус.мк Има ли некоја болест од која се плашиш?

Верица Јас сум вечен фајтер по природа. Не се плашам од ништо.

превентус.мк Како се одржуваш во форма?

Верица Секој ден станувам рано и веќе во претпладневните часови сум во фитнес клуб Атлета. Дури времето не беше убаво одев со кола ама сега одам и се враќам пешки. Вежбам од 2003 година.Тоа е место каде што најпродуктивно го поминувам претпладневниот дел од своето слободно време. Милан Глигоровски и Ирена Темова се лугето кои што за мене имаат направено посебна персонал програма за вежбање по мускулни групи. Вежбите се многу интересни и прилагодени за мојот начина на живот. Битно ми е за физичка, психичка и секаква останата кондиција.

превентус.мк Внимаваш ли на исхраната?

Верица Секако.Со текот на годините научив многу работи кои што претходно не ги знаев врзани за исхраната. Многу ми помогна мојата другарка Тања Турунџиева со својата стручност и совети врзани за исхраната во однос на мојот начин на живот. Секако ова целото потпомогнато со физичка активност мислам дека за мене е добитна комбинација.

превентус.мк Без што не излегуваш од супермаркет?

Верица Е сега морам да бидам искрена и да кажам дека скоро никогаш не одам во супер маркет. Мојот сопруг е задолжен за тој дел од обрските врзани за домот. Моја задача е само да направам список со се што треба да се купи и испазари.

превентус.мк Твојот став за диетите?

Верица Како и сите девојки до сега во животов ги пробав сите можни диети за кои што слушнав. И на крај сфатив дека најдобра и најпродуктивна е онаа која што сам ќе си ја направиш, секако со консултација на нутриционист и фитнес тренер. Најбитно е сам да знаеш дека шест часа пред спиење не треба да јадеш ништо. Денес ако си претерал следните три дена ќе јадеш само овошје и евентуално ќе испиеш пола литро јогурт. Самоконтролата е најдобра диета.

превентус.мк А за пластичните операции?

Верица Немам ништо против пластичните операции. Тие ги сваќам како придобивка со која што на секој еден кој што е несреќен може да му помогне без оглед на тоа дали се работи за клемпави уши, мали гради и било што друго. Добро е што постојат ваков вид на корекции со кои што може да се подобри квалитетот на живот на една индивидуа.

превентус.мк Каде најчесто се релаксираш од градскиот метеж?

Верица Имам прекрасно уреден двор во кој што секојдневно уживам и си ги полнам батериите од секојдневните обврски. Кога одиме на викенд преферирам да е тоа планина како на пример Попова Шапка на зима но и на лето. Го сакам за уживанција и Охридското крајбрежје ама секако најубаво се чувствтвувам на топли морски плажи.

превентус.мк Без што не одиш на плажа?

Верица Без наочари за сонце, душек и масло за мачкање.

превентус.мк Твојот совет за здрав и исполнет живот е...

Верица Хранете се правилно и балансирано. Спортот и физичката активност  се секогаш најдобар третман и козметика за вашето сопствено тело. Реализирајте ги вашите соништа и бидете упорни во остварување на вашиот личен сон за подобар живот.

 
Share

Соработници и партнери